Народната банка на Република Македонија (НБРМ) ја објави првата едукативна игра за финансиско едуцирање на младата популација во земјава со наслов Заработете и штедете којашто е достапна за слободно преземање од интернет страницата на централната банка, како windows и андроид апликација.
Играта Заработете и штедете е замислена, преку забава, да предизвика поголем интерес кај младата популација за штедењето и финансиите и со тоа да го збогати нивното знаење од оваа област. Таа е избрана на конкурсот за изработка на едукативна игра којшто НБРМ го распиша во февруари годинава. Нејзин автор е Маријан Зиновски, студент на Факултетот за информатички и комуникациски технологии при Универзитетот Св. Климент Охридски – Битола.
НБРМ верува дека играта ќе ја оствари целта за којашто е создадена, да придонесе кон повисоко ниво на финансиска писменост кај децата и младите. Централната банка и натаму ќе се обидува преку креативни и иновативни пристапи и решенија да вложува во финансиската едукација во Република Македонија.