Фестивал на младо вино во Тиквеш

114

Голем број љубители на виното од земјава и регионот, претставници на дипломатскиот кор, на институциите, на бизнис секторот и медиумите, јавни личности, како и соработници и пријатели на винарската визба Тиквеш имаа можност за првпат да го пробаат младото вино од годинешната берба, која за Тиквеш беше рекордна и изнесуваше над 28 милиони килограми грозје, стои во соопштението.

Традиционално, и на годинешниот, деветти по ред, Фестивал на младо вино, Тиквеш ги претстави своите млади вина кои според првичните оценки на енолозите и присутните вински ентузијасти, се извонредни и имаат одличен потенцијал да освојат многу нови медали, признанија и високи оценки на реномирани светски вински натпревари и со тоа да го потврдат и надминат успехот од минатите години.

Покрај веќе докажаните вински ѕвезди, на годинешниот Фестивал, за првпат беше претставен и новитет во палетата врвни вина на Тиквеш. Тоа е црвеното вино од првата берба на грозје од сортата сира (Shiraz), кое пред четири години беше насадено на лозјата на локалитетот Лепово.

Следејќи ја определбата за општествено одговорно делување, Тиквеш и оваа година им овозможи на сите посетители на Фестивалот да донираат средства кои ќе бидат искористени за поддршка на иницијативата на Здружението за хумано – општествен развој Проект среќа и нивниот проект за основање на првото бесплатно училиште за музика и уметности наменето за деца од семејства изложени на социјален ризик. Конкретно, проектот наречен Гитара, дирки и свирки ќе нуди бесплатни часови за децата кои потекнуваат од вакви семејства, за да можат да го искористат и доразвијат својот креативен потенцијал, талент и афинитети. За возврат, на сите посетители кои ќе донираат за ова хумана цел, Тиквеш ќе им даде подарок – шише младо вино.

Фестивалот на младо вино на Тиквеш е прв и единствен од ваков вид во нашата земја и има значајна улога во градењето на винската култура и создавањето сопствена традиција на евалуација на виното од последната берба, како што е случајот во многу други земји производители на вино.

На годинешниот настан посветен на младото вино, претседателот на Управниот одбор на Тиквеш, Светозар Јаневски, ја објави и веста дека Тиквеш ја финализираше процедурата за аквизиција на француската винарница Chateau de Gourdon во областа Cote Du Rhone. Ваквиот исклучително значаен чекор е дел од развојната стратегија на најголемата македонска винарница за зацврстување на нејзината меѓународната позиција како производител на врвни вина.