Во Народната банка се одржа 32-та сесија на Клубот на истражувачите, на која, по поздравното обраќање на вицегувернерката Ана Митреска, беа презентирани истражувачките трудови: Анализа на карактеристиките на извозните претпријатија во македонската економија преку користење микроподатоци од Билјана Јовановиќ и Тековна оценка на БДП за македонската економија преку емпириски пристапи во кои се користат податоци со различна временска фреквенција од Гани Рамадани и Магдалена Петровска.
Во првиот презентиран труд, Јовановиќ поаѓа од премисата дека фирмите извознички имаат подобри резултати во своето работење, во споредба со фирмите што примарно произведуваат и работат на домашниот пазар. Целта на истражувањето е да се утврдат причините коишто би ги објасниле разликите помеѓу фирмите, имајќи го предвид нивниот извозен статус. Во трудот, преку анализа на микроподатоци, на примерок од 1.900 фирми за периодот од 2013 до 2017 година, се тестирани две хипотези – хипотезата за “одлука по сопствен избор“ (англ. self-selection hypothesis) и хипотезата за “учење преку работа“ (англ. “learning by doing hypothesis).
Според првата, фирмите коишто имаат подобри остварувања може да продаваат на меѓународниот пазар, односно нивната супериорност претставува “ex-ante“ карактеристика. Според втората хипотеза, извозниците се поуспешни како резултат на процесот на учење по започнувањето на извозните активности. При презентирањето на трудот, Јовановиќ истакна дека добиените резултати, исто како и најголемиот дел од претходните истражувања на оваа тема, ја потврдуваат хипотезата за “одлука по сопствен избор“. Воедно, со анализата донекаде се потврдува и хипотезата за “учење преку работа“, односно дека и самата извозна активност објаснува дел од подобрите резултати на фирмите извознички.
Вториот, коавторски труд, којшто беше презентиран од Магдалена Петровска, е посветен на моделите за предвидување на економската активност на краток рок, што е од особено значење за процесот на проекции и одлучување во централните банки. Трудот дава преглед на два релативно нови емпириски методи за директно моделирање податоци со различна временска фреквенција и неизбалансирани крајни временски точки. Имено, станува збор за методот во литературата познат како МИДАС (англ. MIDAS – mixed-data sampling), но и за една понова екстензија во литературата од оваа област позната како Бајесов МФ-ВАР (англ. Bayesian mixed-frequency vector autoregression). Согласно со добиените резултати, како што беше нагласено и во презентацијата на трудот, авторите оценуваат дека двата модела покажуваат слични способности за прогнозирање, од аспект на динамиката на македонскиот БДП, во период од еден квартал. При презентацијата беше истакнато дека двата пристапа повеќе се надополнуваат, отколку што се исклучуваат, бидејќи нивната комбинирана прогноза е подобра, гледано од аспект на предвидувањето на пресвртните точки на деловниот циклус.
На крајот на сесијата, поттикнати од изнесените видувања и заклучоци, присутните дискутираа за повеќе прашања поврзани со темите на двата презентирани труда.
Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во јуни годинава.