ФЕИТ стана официјален центар за сертификација на Microsoft програми

53

Microsoft академија и тестинг центар, денеска, беа промовирани пред студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ во рамки на ЕУ Дигиталната недела. Со ова, ФЕИТ стана официјален центар за сертификација на Microsoft програми.

Според деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски, секој студент на овој факултет ќе има пристап до сите курсеви на Microsoft, односно може да го тестира своето знаење преку тестинг центарот (центар за полагање на Microsoft испити) и да го направи својот успешен следен чекор во дигиталниот свет.

Ташковски говореше за Дигитализацијата, за дигиталната платформа MCIA Micrоsоft Academy и вредностите на MTA сертификaцијата, потенцијраќи дека со ова на Факултетот се воведуваат  практични знаења за студентите.

“Како факултет се трудиме континуирано да се подобруваме. Покрај науката и соработката со стопанството, секако нудиме едукација но и можности за неформално знаење. Сé повеќе во јавноста слушаме за терминот „дигитализација“ во сите сфери на живеењето. Затоа, преку вакви академии, работилници, настани се трудиме да обезбедиме предуслови за ваше усовршување и стекнување на нови знаења и вештини“, рече Ташковски пред студентите.

Microsoft академијата и тестирнг центарот нудат околу 400 курсеви. По ова, студентите може да се сертифицираат и за околу 28 курсеви за Microsoft.

Оперативниот директор на Certiadria, Марко Серафимовски, говореше на тема Можностите на The Digital Labour Market, како да пристапите на глобалната платформа за вработување. Според него, соработката со ФЕИТ е со намера програмите на Microsoft да се доближат до студентите и да се обезбеди дополнително знаење за студентите кое го бараат компаниите.

“Ме радува тоа што ФЕИТ е прва високо-образовна институција во Македонија која ќе нуди MTA сертификација. Со оваа соработка како студенти ќе имате можност да добиете стандардизирана обука и сертификација за кој било програмски јазик. МТА е основно, базично ниво на нашата академија, иако имате и повисоки нивоа на Microsoft кон кои може да се движите во зависност од тоа што ќе одберете. Сертификацијата докажува дека сте во линија со најновите технологии на Microsoft“, вели Серафимовски.

Тој им објасни на студентите дека во нивната биографија ќе се нотира формалното образование, (пример завршен на ФЕИТ), но дека работодавачите ја забележуваат и сертификацијата, затоа што им ја покажува “вашата подготвеност дека сте направиле чекор понатаму за да ги докажате своите технички знаења преку сертификацијата“.

По сертификацијата, Серафимовски објасни дека студентите ќе добиваат и дигитален беџ во кој се нотираат сите знаења што ги има носителот на тој беџ. Секој носител, исто така, ќе добива и информации за отворени работни позиции согласно сопстввените знаења во светот.