Квалитетот на градежните материјали важни за безбедноста на градбите

42

Квалитетот на градежните материјали е од пресудно значење за безбедноста на зградите и јавните објекти. Дополнително, квалитетот на материјалите има големо влијание врз развојот на домашната градежна индустрија. Во нашата земја постои квалитетно производство на материјали за градежништво, меѓу кои и на градежна арматура, но неопходна е засилена и ефикасна контрола на квалитетот и својствата на сите материјали кои се увезуваат и се нудат на пазарот, стои во соопштението.

Ова е една од клучните поенти и заложби  на учесниците на конференцијата Квалитетна арматура – безбедни градби, организирана од компанијата Дојран стил, водечки производител на челични производи за различни намени, во соработка со Градежниот факултет, Институтот за стандардизација на Република Северна Македонија, Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери.

“Како водечки производител на челични прoизводи и арматура во Југоисточна Европа, ние во Сиденор стил индустри, каде од 2006-та година припаѓа и Дојран стил, посветуваме особено внимание сите наши призводи да ги задоволуваат најновите и највисоките стандарди за квалитет и безбедност. Тоа е наша стратешка определба за чие исполнување постојано инвестираме во зголемување и модернизација на производствениот капацитет, во професионалниот развој на нашите вработени, како и во иновации и проширување на понудата на производи. За остварување на оваа наша мисија исклучително ја цениме соработката со институциите, експертите и другите компании од градежната индустрија“, изјави генералниот директор на Дојран стил, Михаил Константинидис.

“Главниот мотив за организирање на оваа конференција е да придонесеме за подигнување на свеста во целото општество околу важноста на употребата на квалитетни градежни материјали и почитувањето на највисоките стандарди за градба, за да имаме безбедни згради за домување, но и други градби ширум земјата“, потенцираше Константинидис.

За да се обезбедат највисоки гаранции за сигурноста на сите градби, потребна е и континуирана едукација на сите што се вклучени во синџирот на градење, почнувајќи од инвеститорите, проектантите, изведувачите, па сѐ до корисниците на објектите, децидни се експертите.

“Сите вклучени во процесот на градење, мора да ги познаваат и доследно да ги почитуваат правилата, постапките и стандардите кои се однесуваат на проектирањето, изборот на градежни материјали и нивниот квалитет, како и на начинот на нивното вградување во објектите. Цената за какви било импровизации или компромиси во градењето е преголема и директно се одразува на безбедноста на градбите. Тоа секогаш треба да го имаме на ум, особено поради фактот што живееме во сеизмички активно подрачје“, дециден е професорот на Градежниот факултет во Скопје, д-р Горан Марковски.

Учесниците на конференцијата се согласни дека, покрај ефикасна контрола на квалитетот на градежните материјали што се нудат на пазарот и начинот на кој тие се користат во градежништвото, неопходно е и заокружување на процесот на стандардизација, особено во делот на градежната арматура, со што домашната регулатива во оваа област ќе биде целосно хармонизирана со онаа на Европската Унија.

“Градежната индустрија е еден од двигателите на економскиот развој на земјата. Поради тоа, добро е што оваа индустриска гранка се потпира врз силни компании кои имаат капацитет, знаење и големо искуство и кои континуирано вложуваат во производство на квалитетни градежни материјали. Како ресорно министерство, решени сме и посветено работиме на целосно хармонизирање и доследна примена на највисоките европски стандарди во оваа област, кои се гаранција за квалитетно и безбедно градење“, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

Поздравувајќи ја иницијативата на Дојран стил за организација на ваков вид конференција, учесниците во расправата посочија дека комуникацијата меѓу бизнис секторот, институциите и стручната јавност мора да продолжи и во иднина, за да можат сите засегнати страни со свое активно учество во процесите да придонесат за поуспешно следење и примена на современите трендови во градежната индустрија, како и за изнаоѓање ефикасни решенија за предизвиците во нејзиниот развој.