Кои компании најмногу “преживуваат“ во земјава?

67

Фото: Pixabay

Вкупно 32,9% од новосоздадените претпријатија во 2012 година, сè уште биле активни во 2017 година. Од нив, најголема стапка на преживување се забележува кај новосоздадените претпријатија што припаѓаат во секторите Дејности на здравствена и социјална заштита со 64,2% и Стручни, научни и технички дејности со 59%, покажуваат податоците на македонската статистика.

Во 2017 година биле активни 50,2% од новосоздадените претпријатија во 2013 година, 59,5% од новосоздадените во 2014 година, 73,5% од новосоздадените во 2015 и 82,2% во 2016 година. Најголема стапка на преживување во 2012, 2013 и 2015 година имале новосоздадените претпријатија од секторот Дејности на здравствена и социјална заштита, во 2014 година новосоздадените претпријатија од секторот Финансиски дејности и дејности на осигурување, а кај новосоздадените претпријатија во 2016 година тоа се претпријатијата од секторот Образование.

Податоците, исто така, покажуваат дека во 2017 година било регистрирано 6.321 новосоздадено претпријатие, што претставува 9,2% од вкупно активните претпријатија во Република Северна Македонија. Во однос на 2016 година, забележано е намалување на новосоздадените претпријатија за 11,4%.

Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од новосоздадените претпријатија (30,2%) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а потоа следат секторот Преработувачка индустрија со 10,7%, Стручни, научни и технички дејности со 10,6% и Објекти за сместување и сервисни дејности со храна со 10,3%.

Податоците за структурата на новосоздадените претпријатија според правната форма покажуваат дека најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва (72,3%).

Од вкупниот број активни претпријатија, во 2017 година згаснале 8,5%, односно 5.796 претпријатија. Гледано по сектори на дејност, најголемиот дел од згаснатите претпријатија (36,8%) се во секторот Трговија на големо и мало; поправка на моторни возила и мотоцикли, а според правната форма најголемо учество имаат претпријатијата категоризирани во групата Друштва со ограничена одговорност и акционерски друштва.