Фото: Pexels
Поголем дел од територијата на Македонија денеска ќе биде зафатен со температури кои ја дефинираат жолтата, односно алертна фаза, освен два региона (од вкупно шест) – пелагонискиот и охридско-преспанскиот регион, каде температурите се пониски и се во зелена фаза, согласно Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотни бранови, соопшти Министерството за здравство врз основа на најавата на метео-алармот од Управата за хидрометеоролошки работи.
Од Министерството за здравство ги потсетуваат граѓаните да ги почитуваат општите препораки за населението во однос заштита од директна сончева изложеност, како што се избегнување подолг престој на отворено во периодот од 11 до 16 часот, носење лесна и светла облека, консумација на лесна храна и течности, хигиена на раце и хигиенски начин на подготовка на храната, како и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица.
Денеска времето во Македонија ќе биде сончево и топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Утринската температура ќе се движи од девет до 14, а дневната од 26 до 34 степени.
Во Скопје сончево и топло, со утринска температура до 12 и со дневна до 32 степени.
Во среда попладне и во четврток времето ќе биде нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Од четврток се очекува опаѓање на температурите за пет степени.