Не ги фрлајте фискалните сметки, почнува повратот на ДДВ

112

Од први jули почнува повратот на 15% од данокот на додадена вредност. Мерката Мој ДДВ ќе важи за фискални сметки до 30.000 денари платени во кеш или со картичка, но не и за фактурите, сметкопотврдите, сметките за струја, вода и парно. Мерката ќе можат да ја користат само граѓаните, но не и правните лица.

Граѓаните набуваат добра и со 5% и со 18% ДДВ, затоа секој граѓанин ќе остварува различно прав на поврат. За платена сметка од 1.000 денари, повратот ќе биде 27 денари односно 15% од 18% платен ДДВ. Ако просечната стапка на ДДВ изнесува 13%, тогаш пресметката е следна. За набавки од 5.000 денари месечно повратот на ДДВ би изнесувал 86 денари.

5000 : 1,13 = 4.425. 5.000 – 4.425 = 575 ДДВ х 15% = 86 денари

Еден граѓанин не може да добие повеќе од 1.800 денари поврат за едно тримесечје или 120 евра годишно  при месечна потрошувачка од 25.000 денари. Се проценува дека преку оваа мерка на едно четиричлено семејство може годишно да му бидат вратени околу 28.800 денари на кои нема да се плаќа персонален данок.

Со оваа мерка се очекува да се зголеми фискализацијата бидејки граѓаните ќе бидат мотивирани да бараат фискални сметки, а трговците да ги издаваат. На тој начин ќе се влијае на намалување на сивата економија односно на намалување на скриениот неплатен данок кој според некои проценки достига 300 милиони евра.

И експертите се согласуваат дека оваа мерка ќе донесе бенефит за економијата. Според даночниот советник Павле Гацов со оваа мерка ќе се намали даночната евазија и ќе се отстрани конкурентската предност на некои учесници на пазарот во однос на оние кои легално работат.

Добиваат и граѓаните и државата, а губитници би биле вршителите на дејност кои во минатото продавале без да издаваат фискални сметки и консеквентно на тоа без да плаќаат јавни давачки. Само финансиски стабилна држава ќе може да ги подобрува условите на живот на граѓаните, … од инфраструктура, до здравство и образование.

Гацов предупредува на можноста дел од трговците да ја намалат цената за наплата во готово само да не издадат фискална сметка со што ќе го поништат потенцијалниот бенефит на граѓаните од повратот на ДДВ.

Треба да се има на ум, дека оваа мерка ќе биде нападната од вршителите на дејност кои на граѓаните ќе им ги намалуваат цените за износот што тие може да го добијат како поврат на ДДВ, под услов да платат во готово и без фискална сметка. Затоа е потребно со дополнителни мерки да се затворат каналите на сивата економија.

Процедурата за користење на апликацијата “ Мој ДДВ “ е брза и едноставна, без административни процедури и чекање по шалтери. Граѓаните треба да се регистрираат во системот на е-даноци на  УЈП, на својот мобилен телефон да ја преземат апликацијата “Мој ДДВ”, да креираат ПИН  за активирање на апликацијата .Потоа треба да се скенира и испрати бар-кодот од добиената фискална сметка која не смее да биде постара од 10 дена. Апликацијата има и опција – извештај на кој може да се види колку пари ќе му бидат вратени на купувачот.

Услов за да се бара поврат на ДДВ е граѓанинот да е постар од 15 години со важечки пасош или лична карта издадедна од Р. С. Македонија, да е регистриран во електронскиот систем на УЈП и да поседува трансакциска сметка на свое име.

Мерката има и ограничувања, нема поврат на фискални сметки повисоки од 30.000 денари, парите ќе се враќаат квартално почнувајки од декември а потоа во февруари, мај и август . Со оваа мерка кај граѓаните се очекува да се вратат околу 50 милиони евра, а во буџетот да се слеат околу 250.000 евра.

ДДВ или данок на додадена вредност е општ данок на потрошувачка. Овој данок зафаќа најголем дел од приходите. За првите 4 месеци од годинава во државната каса од ДДВ се слеале 276 милиони евра, а за цела година се  очекуваат 847 милиони евра.

Невладината Financethink пресмета дека најголем ќар од повратот на ДДВ ќе имаат богатите односно домаќинствата кои трошат 1,2 милиони денари. Со најавената мерка само 5% од домаќинствата ќе можат во домашниот буџет да вратат една просечна плата.

Најсиромашните семејства на годишно ниво ќе имаат само 738 денари плус.