Фармацевтската компанија Алаклоид првото полугодие од оваа година го заврши со вкупна сеопфатна добивка од 460.762.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.
Истиот период лани, добивката на компанијата беше 376.775.000 денари.
“Остварената консолидирана нето добивка во 2019 година изнесува 460.762 илјади денари и во споредба со остварената во 2018 година бележи зголемување за 22%“, стои во Образложението за остварените резултати.
Вкупните приходи од продажба, во периодот јануари – јуни оваа година, изнесуваат 5.527.970.000 денари. Од тој износ на домашен пазар се реализирани 1.889.378.000 денари, додека поголемиот дел од 3.638.592.000 денари отпаѓа на продажба на странски пазари.
“Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари – јуни 2019 година изнесуваат 5.626.852 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2018 година бележат пораст од 14%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 98%, имаат приходите остварени со продажба на производи и услуги кои во споредба со остварените во 2018 година бележат пораст од 15%“, стои во Образложението.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – јуни 2019 година изнесуваат 421.718 илјади денари.
Во периодот јануари – јуни 2019 година во Алкалоид се реализирани 80 нови вработувања во Република Северна Македонија.