Дигитален номад… што е тоа?

308

Постојано патување и работа од некоја егзотична дестинација, така од прилика изгледа еден работен ден на дигиталниот номад. Тоа се луѓе кои не сакаат да работат во канцеларија, ниту подолго време да се задржат во една земја.

Станува збор за претприемачи кои работат полно работно време од било кое место на светот каде што можат да се сместат и поврзат со својот персонален компјутер.

Дигиталните номади ја почитуваат изреката на кинескиот филозоф Конфучиј, кој рекол: Избери ја работата што ја сакаш и нема да мора да работиш ниту еден ден во животот. Дигитализација, пристап до интернет, достапност и чување на податоци во “облак“, лесни преносни уреди… сето ова им го олеснува “животот“ на дигиталните номади. Концептот на независност од локација како начин на работа и живот станува глобален тренд.

Овие фриленсери, во зависност од нивните желби и можности, можат да работат од некоја песочна плажа, во некоја скриена викендичка на планина или на некоја друга инспиративна локација. Единствен предуслов за избор на локацијата е стабилен интернет.

Работното време на дигиталните номади зависи од договорот со клиентот за кого (со кого) работат, работодавачот или динамиката со којашто се реализира проектот на којшто се ангажирани.

Но, би било премногу добро за да е идеално. Некои од најголемите предизвици од коишто стравуваат дигиталните номади се проблеми со добивање визи, здравствено осигурување, оддалеченост од семејството и пријателите, како и неизвесност за добивање нов проект или ангажман.

Фото: Pexels