Како се одредува рок на употреба на некој производ?

1737

Рокот на употреба е минимален рок на траење на одреден прехранбен продукт. Минималниот рок на траење е датумот до којшто храната ги задржува своите карактеристични својства, доколку правилно се чува.

Временскиот период за којшто храната ги задржува карактеристичните својства зависи од повеќе фактори, како што се: состав, постапки за стерилизација, технологија на производство, додавање адитиви, пакување, транспорт, начин на чување…

Некои продукти, коишто подлежат на микробиолошко расипување, имаат пократок рок на употреба. Такви продукти се: преработките од месо, торти и колачи, млечни производи. И храна што треба да се чува на одредена температура во замрзнувач, исто така, има краток рок на траење. Познато е дека процесот на замрзнување го продолжува рокот на траење, но тоа не смее да биде премногу долго, бидејќи се случуваат промени во составот на продуктот.

Производителот е тој што го одредува минималниот рок на траење во којшто гарантира дека продуктот ќе ги задржи својствата и квалитетот, доколку се чува на соодветно место и на правилна температура.

Како се одредува рокот на траење? Постојат повеќе начини за негово утврдување, но постојат параметри што може да се следат: pH вредност, температура, оксидативност, сол, тежина, стабилност, својства на материјалот за пакување и слично. Во зависност од овие параметри и од видот на производот, се создаваат модели на математичко предвидување за да може да се утврди рокот на употреба. Со помош на таа технологија, лесно може да се утврди рокот до којшто производот ќе го задржи квалитетот.

Поставување на соодветен рок на употреба ќе овозможи сигурност за купувачот, кој ќе знае дека користи исправен и безбеден продукт, а исто така, нема да загуби на квалитетот за којшто платил, ниту пак ќе загуби од хранливата вредност што ја гарантира производителот.

На амбалажата на секој прехранбен продукт, може да се најде некоја од овие ознаки: употребливо до… или најдобро е да се употреби до….

Фото: Pixabay