Додаток од 3.000 денари за млади до 23 години кои работат во производство

Младински додаток во висина од 3.000 денари месечно ќе им се исплаќа на млади лица до 23 години со завршено најмалку средно образование и кои се во работен однос со задолжително социјално осигурување во производствена дејност, потоа на младите лица кои се отстапени кај работодавач корисник од производствена дејност од страна на приватна агенција за вработување, како и на млади индивидуални земјоделци со задолжително социјално осигурување.

Ова го предвидува предлог законот за младински додаток, што го утврди Владата и ќе го достави на усвојување до Собранието.

Целта на законот за младински додаток е поттикнување на вработување на младите лица во дејностите на производството по завршување на средното образование, со што ќе се допринесе до подобрување на нивниот животен стандард и задоволување на потребите на работодавачите со соодветно квалификувана работна сила.  Законот ќе придонесе за подобрување на севкупните економски односи, ќе го поттикне економскиот раст на економијата, а со тоа ќе се придонесе за зголемен вкупен економски раст и развој во Република Северна Македонија.

Фото: Pixabay