Следната година најбројни ќе бидат полските туристи

47

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, од 21-ви до 23-ти ноември, ја претставува туристичката понуда на државата на интернационалниот саем за туризам  TT Warsaw во Полска, придружувана од три домашни тур оператори. Уште првиот ден, македонскиот штанд беше посетен од амбасадорот на Р.С Македонија во Полска, Н.Е Васил Пановски, како и голем број на тур – оператори и хотелиери од државава.

Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Љупчо Јаневски изјави дека саемот во Варшава ги надминува сите очекувања, со оглед на големиот број полски туристи оваа година и имајќи ги предвид статистичките податоци кои за првите девет месеци од оваа година покажуваат раст од 4%, споредбено со истиот период минатата година.

На состанокот со полската авиокомпанија ЛОТ, беа промовирани плановите за 2021 година, како и можноста авиолинијата на релација Варшава – Охрид да прерасне во редовна линија, два пати неделно во текот на целата година. Посетата на полските туристи ќе продолжи да се движи во нагорна линија, односно до 2021 година се очекува нивниот број да надмине 40.000 туристи или раст од 20% до 30%. Интерес има и од полските туристички блогери, кои во моментов претставуваат значајна алка во синџирот на медиумска промоција, а веќе е најавена и посета за април 2020 година.

Новите атракции и туристички понуди, несомнено буди огромен интерес, којшто нашата држава ја става во центарот на вниманието. Кружните тури низ државата и посета на Преспа, Битола, Охрид, Скопје и Дојран, како и винскиот регион, сè повеќе го будат интересот на полските туристи.

На интернационалниот саем за туризам TT Warsaw и оваа година се присутни 53 држави, 136 туроператори, 450 изложувачи и се очекува истиот да го посетат 20.00 посетители.