Ќе престане да важи законот за трговија на зелени пазари

62

На денешната седница Владата го усвои предлог Законот за престанување на важноста на Законот за трговија на зелени пазари, информираше министерот за економија Крешник Бектеши.

Законот за трговија на зелени пазари, како што информираше министерот, беше предложен од група на пратеници во Собранието и донесен минатата година имаше одложено дејство на примена од почетокот на следната година.

“При предлагањето и донесувањето на овој закон, Министерството за економија не беше воопшто консултирано. Министерството за економија, врз основа на направените анализи, компаративни советувања и проценки, констатираше дека досегашното искуство покажува дека одредбите од Законот за трговија на зелените пазари не се применуваат односно анализата на овие одредби покажа дека натамошната примена на овој закон би довела до социјални, економски и фискални последици врз продавачите на зелените пазари, што генерално ќе се одрази на целокупниот систем според кој функционираат зелените пазари од аспект на трговија на истите, поради што се оцени дека е потребно овој закон да престане со важност“, изјави тој.

Министерството за економија, за таа цел, уште во ноември годинава достави мислење со кое ја информираше Владата дека како орган надлежен за уредување на оваа област и носител на регулативата, активно ја следеше состојбата во периодот од донесување на овој закон, па се до денеска, по што врз основа на направените анализи е оценето дека е потребно престанување со важност на примена на овој Закон, со оглед што истиот не даде позитивни законски решенија во периодот на неговото донесување и применување.

“Ова законско решение предизвика големи незадоволства и негативни реакции од самите чинители-учесници во трговијата на зелени пазари. Потребата за донесување на овој закон со кој престанува да важи Законот за трговија на зелените пазари е предизвикана од неможност да бидат исполнети условите утврдени во одредбите на Законот за трговија на зелените пазари. При тоа, се констатира дека пропишаните услови предизвикуваат негативни реакции од страна на лицата кои на овие пазари се јавуваат како трговци на зелени пазари кои што вршат трговија на мало на тезги и пазари кои посочија дека натамошната примена на овој закон ќе предизвика социјални, даночни и фискални последици по  нив што ќе се одрази на поширок сегмент на засегнати граѓани односно кај трговците на зелените пазари, коморите на трговци, организаторите на пазарите и државните институции кои треба да го имплементираат законот“, рече Бектеши.

Во моментот Министерството за економија работи на ново законско решение кое што ќе треба да биде донесено следната година со кое ќе се уреди оваа тематика, а за неговото изготвување се прават консултации со сите засегнати страни