Европа сака да биде прв климатски неутрален континент до 2050 година

75

Европската комисија (ЕК) вчера го претстави долгоочекуваниот план Европски зелен договор, којшто е патоказ за трансформирање на економијата на Европската Унија во одржлива преку претворање на климатските и еколошките предизвици во можности, низ сите сфери.

“Европскиот зелен договор е наша нова стратегија за раст. Покажува како ќе го трансформира нашиот начин на живот и работа, производство и потрошувачка, за да живееме здраво, а своето работење да го направиме иновативно“, вели претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лејен.

Зелениот договор ги покрива сите сектори на економијата. За да се оствари амбицијата до 2050 година Европа да биде прв климатски неутрален континент, извршната власт на ЕУ вели дека во рок од 100 дена ќе го претстават првиот европски закон за клима за да ги оствари своите цели во врска со климата и животната средина.

Атмосферата се загрева и климата се менува со секоја измината година. Еден милион од осумте милиони видови на планетата се во ризик од изумирање. Шумите и океаните се загадуваат и се уништуваат. Европскиот зелен договор е одговорот на овие предизвици. Тој е стратегија за нов растеж што цели да ја трансформира ЕУ во фер и просперитетно општество, со модерна и конкурентна економија што ефикасно ги користи ресурсите и во коешто ќе има нулта емисија на стакленички гасови во 2050 година и во кое економскиот раст не е поврзан со користење ресурси, се вели во известувањето што ЕК го упати до Европскиот парламент.

Исполнувањето на целите на европскиот зелен договор ќе бара значителни инвестиции. Се проценува дека за постигнување на климатски и енергетски цели за 2030 година ќе бидат потребни 260 милијарди евра дополнителни инвестиции, што претставува околу 1,5% од БДП во 2018 година.

Фото: Pexels