Кој во земјава лани имал бруто заработка од 1,2 милиони денари?

193

Анализирано по групи занимања, Директори на претпријатија за угостителство, трговија и други услуги лани имале бруто заработка од 1.267.266 денари, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Анализирано според полот, бруто заработката кај мажите е 1.408.745 денари, а кај жените 977.535 денари. Еден час, во октомври минатата година, во оваа група занимања во просек чини 524 денари (за мажите 571 денар, а кај жените 427 денари).

На второ место е бруто заработката на директори на производни претпријатија и институции за специјализирани услуги со 1.119.769 денари. Анализирано според полот, мажите во овој сегмент се повеќе платени и земаат 1.245.678 денари, а кај жените тој износ е 880.155 денари. Просечната бруто заработка од час, во октомври минатата година, во оваа група занимања е 479 денари. Поточно, за мажите е 531 денар, додека за жените 380 денари.

На трето место, според бруто заработувачка, се најдоа членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори. Нивната бруто заработувачка лани била 1.056.888 денари, мажите заработиле 1.164.666 денари, а жените 875.644 денари.

Од друга страна, три занимања со најниски бруто заработувачки минатата година се: чистачи и помошници со 260.991 денари, помошници за подготовка на храна со 279.538 денари и занимања за лична нега и сродни занимања со годишна бруто заработувачка од 296.139 денари.

Според податоците, еден чистач во земјава лани во октомври имал бруто заработувачка за еден час во висина од 116 денари. Мажите заработиле 123 денари, а жените 114 денари,

Просечната бруто годишна заработувачка за 2018 година е 443.884 денари, а просечната бруто месечна заработувачка за октомври минатата година е 36.522 денари.

Инаку, годишната бруто заработувачка ги вклучува сите исплати во готово на вработените пред исплата на одбитоци за социјални придонеси и даноци, а влегуваат и исплатените бонуси, исплати за прекувремена работа, специјална исплата за работа во смени и слично.