Кина призна: Недостатоци и пропусти при справување со корона вирусот

Кинеските власти признаваат дека имало пропусти и недостатоци од државата за брз одговор на ширење на смртоносниот корона вирус, што започна да се шири од градот Вухан.

Постојаниот комитет на Политбирото на Кина, со којшто претседава претседателот и шеф на партијата, Кси Џинпинг, соопшти дека системот за реагирање во кризни ситуации мора да се подобри, а и Кина ќе мора да ги зајакне капацитетите за решавање на ургентни и опасни задачи, пренесува ВВС.

Со одлуката на Политбирото е наложена забрана за илегална трговија со диви животни, како и зголемен надзор на пазарите.

Градот Вухан, што претставува жариште на епидемијата, останува главен приоритет и таму ќе биде испратен дополнителен медицински персонал.

ВВС, исто така, пишува и за лекарот кој меѓу првите почна јавно да зборува за епидемијата, но за кратко беше “замолчен“ од страна на полицијата.

На почетокот на јануари, властите во овој кинески град се обидувале веста за епидемијата да ја држат подалеку од очите на јавноста.

“Здраво на сите, ова е Ли Венлианг, офталмолог од Централната болница во Вухан“, вака беше постот на лекарот кој предупредуваше од болничкиот кревет во болницата, но полицијата го посети и го предупреди да престане.

Доктор Ли работел во болницата кога во декември лани биле забележани седум случаи на лица заболени од вирус сличен на САРС. Тој ги предупредил и неговите колеги, а не бил свесен дека станува збор за сосема нов вирус. На крајот на јануари, тој повторно го објавил писмото со предупредување, локалните власти му се извиниле, но веќе било предоцна.

И самиот доктор Ли сега е заразен од овој вирус, бидејќи без да знае лекувал пациентка која имала глауком, а во исто време била заразена со корона вирусот.

Фото: Pixabay