Пет митови за франшизата

245

Франшизата претставува форма на соработка меѓу продавачот на франшизата (франшизерот) и корисникот на истата (франшизист). Франшизерот го нуди својот бренд и таканаречениот know how, а за возврат наплаќа одреден надомест од давање на франшизата, додека франшизистот на тој начин стекнува право и можност да го применува тој деловен модел.

Штом ја утврдивме дефиницијата за тоа што преставува франшизата, порталот Franchising.hr “разбива“ пет митови поврзани со оваа проблематика.

Примателот на франшизата е и сопственик на брендот

Кога е франшизата во прашање, тогаш овој мит е еден од најчестите. Со купување на франшизата, корисникот само стекнува право на користење на брендот, деловниот модел и елементите на визуелниот идентитет. Ова право често пати е и географско ограничено. На пример, корисникот на франшизата има право да делува под франшизата само на територија што е однапред дефинирана во договорот со продавачот на франшизата.

Продавачот на франшизата го води бизнисот на купувачот на франшизата

Иако купувачот на франшизата не е сопственик на брендот, тој е сопственик на свој бизнис и тоа значи дека е одговорен за резултатите од своето работење. Продавачот на франшизата, според договорот, има право да ја контролира и надгледува работата на купувачот на франшизата за да биде сигурен дека зацртаните процедури и стандарди доследно се применуваат. Но, сепак не се вклучени во секојдневните активности, туку во управување со деловниот објект на купувачот на франшизата.

Повеќе се исплати да се купи франшиза од “звучно“ име

Кога ќе се спомене франшиза, најверојатно првите асоцијации се McDonald’s, Pizza Hut, Burger King и други. Бидејќи овој вид на работа најчести се поврзува со големи глобални компании, постои перцепција дека изборот на “звучен“ и препознатлив бренд е важен, па дури и пресуден за успех. Секако, препознатливото име и големата база на потенцијални купувачи има важна улога, но не може со сигурност да се каже дека тоа ќе донесе сигурен успех.

Франшизата многу чини

Мит е дека сите франшизи се премногу скапи, а доаѓа токму поради тоа што се врзуваат само за звучни брендови од светот. Распонот на цени на франшизите е прилично широк. Можеби ќе биде претерано да се каже дека секој може да купи франшиза, но факт е дека на пазарот постојат франшизи што ниту се скапи, ниту премногу комплицирани за работа.

Само искусни претприемачи може да бидат корисници на франшиза

Луѓето кои размислуваат за купување на некоја франшиза, најверојатно ќе се соочат со митот дека мора да имаат големо искуство за да можат да аплицираат за франшиза. Но, голема предност кај франшизите е тоа што е погодна и за луѓе кои ги прават првите чекори во светот на претприемништвото. Обуката и поддршката од страна на продавачот на франшизата се меѓу основните и задолжителни елементи, па дури и оние со помало искуство можат да бидат успешни.

Фото: Pixabay