Со цел полесно надминување и ублажување на негативните ефекти од кризната ситуација предизвикана од пандемијата на вирусот COVID-19, НЛБ Банка презема посебни мерки за поддршка на сите свои клиенти, физички и правни лица преку посебни услови за олеснување на отплатата на сите кредитни изложености. Новата понуда е согласно донесената одлука од НБРСМ за управување со кредитен ризик, како и донесената уредба на Владата за начинот на промена на договорните услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците, која ќе стапи во сила по објава во Службен весник, стои во соопштението.
Кај физичките лица, Банката ќе понуди можност за одложување на отплатата на кредитите, за сите физички лица до шест месеци заклучно со 30.09.2020, како и рефинансирање на постоечките кредити, одобрување на нови кредити со можност за користење на грејс период или редовна отплата на постоечките кредити, по избор на клиентите.
За правните лица, исто така, ќе бидат понудени неколку опции, кои во зависност од природата на потребата ќе бидат усогласени со секое правно лице поединечно. Можностите за правните лица се: одложување на отплатата на кредитот од три до шест месеци заклучно со 30.09.2020, можност за рефинансирање, како и понуда на нови кредити за ликвидност. Кај клиентите од индустриите кои се затворени или се директно најпогодени од кризата, како и кај микро и малите претпријатија, во најголем број ќе се примени мерката за одложување на отплатата на кредитите.
“Новите кредитни олеснувања кои ги нуди Банката се во согласност со активностите на НБРСМ, Владата, како и во координација со останатите членки на МБА, но пред се ќе бидат директен одговор на економските предизвиците кои ги донесе COVID-19 кризата како кај граѓаните, така и кај фирмите. Свесни сме за комплексната ситуација во која се најдоа нашите клиенти и воопшто целата економија во државата и светот. Наша задача е да застанеме пред овие предизвици, да ги заштитиме нашите клиенти и во најбрз можен рок да дадеме одговор со кој ќе им го олесниме справувањето со кредитните долгови и одржување на нивните бизнис модели“, велат од Банката.
Во текот на следните неколку дена деталната понудата со конкретните услови ќе биде официјално објавена од страна на Банката, при што истата ќе биде дистрибуирана и комуницирана со сите клиенти преку официјалните канали за комуникација.