Трговскиот дефицит, во периодот јануари-февруари 2020 година, изнесува 333.968.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.
Вкупната вредност на извозот на стоки од земјава, во периодот јануари – февруари 2020 година, изнесува 977.068.000 евра, и бележи пораст од 3,4% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 1.311.035.000 евра што е за 4,9% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-февруари 2020, изнесува 74,5%.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел). Во увозот најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснато-валаните производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.
Во периодот јануари-февруари 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.
Фото: Pixabay