UNICAT подготви идеално возило за апокалиптично сценарио

57

Германската компанија UNICAT е позната по создавањето на експедициски возила наменети за употреба на сите терени.

Во овие подвижни „тврдини“ на UNICAT оспособени за живеење може да се најде се што е потребно за комфорен живот, дури и кога сте километри оддалечени од најблиската населба, што го прави идеално возило за изолација во доба на пандемијата на коронавирусот.

UNICAT сега понуди ново возило, базирано камион од марката MAN. Под кабината се наоѓа агрегат од 540 КС кој пристигнува со 12-степен автоматски менувач чија моќност се пренесува на сите шест тркала. На располагање се два резервоари со 980 литри гориво, што според пресметките на Германците се доволни за автономија од 3.000 километри. Кабината мина низ сериозни промени и се е прилагодено кон комодитетот при долги патувања. Поставена е подобра звучна и топлотна изолација, како и целосно нов клима-уред.

Седиштата на возачот и совозачот се преслечени во кожа и имаат грејачи. Garmin уредот за навигација е поставен во видното поле на возачот, додека покрај него се наоѓа уште еден екран преку кој може да се пристапи кон големиот број камери кои го опкружуваат ова возило. Системот на камери освен за надгледување на околината, се користи и за помош при маневрирање на мал простор.

Внатрешноста е долга 5,6 метри, а широка 2,48 метри. Висината тука изнесува 1,95 метри, тоа значи дека не е идеален за особено високи луѓе. Овој модул е дополнително изолиран, со цел да се зголеми удобноста во „станбениот“ дел. Во овој дел од возилото може да се пристапи однадвор преку скали на собирање. Дневниот престој го претставуваат две мали софи меѓу кои се наоѓа една маса. Оваа маса преку електромотор се спушта и тогаш се добива рамна површина, која станува дел за спиење со димензии 140х200 сантиметри.

Од левата страна на влезот се наоѓа кујна со сите пропратни материјали и неопходни елементи. Бањата има и туш кабина, па удобноста дефинитивно е на високо ниво. Во задниот дел од возилото се наоѓа кревет со димензии 160х200 сантиметри.

Рамките за мебелот се направени од бамбус, додека подот е изработен од тиковина. За снабдување на станбениот простор со електрична енергија се задолжени големи соларни панели поставени на покривот од возилото. Покрај нив, тука е и еден генератор на Honda. Кога станува збор за снабдување со вода, резервоарите за употреба имаат капацитет од 600 литри, додека резервоарот кој собира отпадна вода може да собере до 285 литри. На овој начин подвижниот дом може да биде надвор од било каква мрежа за напојување, со енергија или вода, повеќе недели.

На задниот дел од возилото се наоѓа и мала мобилна платформа, на која можат да се постават други превозни средства како ATV, мотоцикл или дури мал автомобил. UNICAT соопшти дека прикажаниот експедициски кампер до сега е изработен во само еден примерок, а неговата цена изнесува 1.389.000 евра.

Преземено од Avtoplus.mk