Најголемиот кинески производител на електрични возила BYD Auto, ги објави своите планови за влез на европскиот пазар со електричните автомобили.
BYD Auto, кој воедно е втор најголем светски производител на електрични автомобили, веднаш зад Tesla, смета дека дојде времето за да се испроба на Стариот континент. За почетокот на најавената експанзија BYD ја избра Норвешка, земјата во која автомобилите на струја се процентуално најзастапени во однос на целокупниот возен парк.
Кинеската компанија како прв производ кој ќе го понуди на купувачите на европскиот пазар ќе биде моделот BYD Tang EV600, кој на норвешките патишта ќе пристигне подоцна во текот на годината. Станува збор за SUV модел со средна величина, со автономија на возење со едно полнење од дури 520 километри, но сепак мерено според стариот и премногу оптимистичен NEDC тестирачки циклус. Tang EV600 има постојан погон на сите четири тркала, а спецификациите на европската верзија ќе бидат објавени нешто подоцна.
Засега е познато дека моделот кој се продава во Кина има батерија со капацитет од 82,2 kWh, а на Кинезите на располагање им е и варијанта само со преден погон. Варијантата со преден погон добива моќност од еден електромотор од 245 КС, додека верзијата со погон на сите четири тркала добива два такви агрегати.
“Норвешка е најнапредниот пазар во Европа кога станува збор за широкото прифаќање и користење на електричните возила, а има е мошне развиена мрежа на полначи. Внимателно проценуваме како пазарот функционира, а долгорочно нашата цел е да ја прошириме продажбата на патнички автомобили надвор од Кина, во други европски земји“, изјави извршниот директор на компанијата BYD Europe, Исбранд Хо.
Освен SUV модели, BYD Auto планира во Европа да понуди и лесни комерцијални возила на струја, како и електрични камиони. До крајот на годината ќе започне и продажбата на комбињата со носивост до 7,5 тони, како и камиони-шлепери од 19 тони. BYD досега во Европа беше застапен со електрични автобуси.
Преземено од Avtoplus.mk