Што поскапе, а што поевтини во април?

94

Трошоците на живот во април, во однос на претходниот месец, се зголемени за 0,1%, додека цените на мало бележат пад од 0,5%, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Пораст на трошоците на животот во април 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележан кај свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 9,1%, свежото и разладеното овошје за 9%, рибата и морските плодови за 1,2%, сувото овошје и јаткастите производи за 0,9%, јајцата, прехранбените производи неспоменати на друго место, виното за 0,8%, пивото за 0,6%, сирењето и урдата, маслото и маснотиите за 0,5%, лебот и житата за 0,4%, шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи, жестоките пијалаци за 0,3% и јогуртот за 0,2%.

Во април 2020 година, исто така, пораст на трошоците на животот е забележан и кај телефонската и телефакс-опремата за 2,6%, обувките за 1,8%, резервните делови и приборот за сопствени превозни средства за 1,1%, малите електрични апарати за домаќинствата, другите медицински производи за 0,4% и снабдувањето со вода за 0,3%.

Намалување на трошоците на животот во април 2020 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај газираните пијалаци за 0,3% и помалку масното млеко за 0,2%.

Исто така, намалување на трошоците на животот е забележано и кај течните горива за домаќинствата за 20,3%, горивата и мазивата за сопствените превозни средства за 17%, гасот за домаќинствата за 7%, информатичката опрема за обработка на податоци за 3,3%, моторните возила за 1,4%, игрите, играчките и хобијата за 1,2%, облеката, опремата за прием, снимање и репродукција на звук и слики за 0,5%, фармацевтските производи, електричните апарати за лична хигиена за 0,4%.

Трошоците на животот во април 2020 година, во однос на април 2019 година, бележат намалување од 0,1%, а кај цените на мало има намалување од 1,3%.

Фото: Pixabay