Како да процените на кои луѓе може да им верувате

259

Довербата во луѓето е многу важна, како во приватниот така и во професионалниот живот. Таа многу лесно може да се добие, но и те како е тешко да се одржи. Луѓето се наоѓаат пред различни предизвици, па понекогаш попуштаат пред одредени искушенија и така може да ги разочараат оние кои им веруваат.

Секогаш треба да имате мала резерва и немојте веднаш да им се доверувате на колегите, но не треба ниту да ги гледате со страв дека секој нивен збор е ваш “непријател“.

Анализирајте ја секоја ситуација

Обрнувајте внимание на однесувањето на колегите, како размислуваат, каков став имаат за одредена тема, како му пристапуваат на проблемот, дали веднаш напаѓаат… Сите овие работи можат да откријат многу за личноста, за нејзиниот карактер и за начинот на којшто се однесува (приватно и професионално).

Дали тие им веруваат на другите луѓе

Постојат луѓе кои поради различни, оправдани или неоправдани причини, ја загубиле довербата во луѓето. Но, има и такви кои безусловно им веруваат на луѓето, па лесно стануваат цел на манипулации. Вие не дозволувајте да одите од една во друга крајност, но истото важи и за колегите. Доколку тие се сомничави за другите, тогаш нема да ви остават и на вас многу простор за да изградите меѓусебна доверба.

Не се претворајте во приватен детектив

Иако е добро да дознаете какви биле вашите колеги на претходното работно место или како се однесувале со друг претпоставен, сепак не претерувајте во истрагата. Секој човек е доволно свесен дека на местото каде што работи и заработува не треба да прави интриги и да им штети на другите. Имајќи предвид дека постојат различни луѓе, важно е да си поставите граница со којашто може да им верувате на луѓето. Не мора сите тајни да им ги откривате за да создадете блиска и непосредна комуникација. Искуството од претходно може многу да ви помогне да оцените кои луѓе заслужуваат шанса и треба да ја имаат вашата доверба.

Фото: Pixabay