Кои се микро работници?

111

Несомнено е дека сите водиме “дигитален живот“ и тоа не само сега поради пандемијата, туку тоа е така веќе неколку години, а најверојатно така и ќе биде понатаму. Но за да може тој наш “дигитален живот“ да биде таков како што сакаме или ни одговара на животниот стил треба да им заблагодариме на илјадниците микро работници.

Се работи за “армија“ од луѓе кои доаѓаат од различни краишта на светот. Нивна задача е да генерираат податоци, преку транскрипција и категоризирање на содржини. Тие помагаат алгоритмите на машинското учење, што е основа на вештачката интелигенција, да ги добијат сите потребни податоци. Преку нивната работа, на машинското учење му го додаваат човечкиот фактор.

Денес постојат голем број на платформи за микро работници ширум светот. Меѓународната организација на трудот се обидела да ги мапира овој вид на работници, по што во нејзината анкета се вклучени 3.500 микро работници од 75 земји во светот. Податоците покажале дека просечната возраст на анкетираните е 33 години, една третина од нив биле жени, но таа бројка е поинаква во земјите во развој, каде што жени се една петтина.

Микро работниците често пат се цел на критики бидејќи се малку платени. Според некои податоци, тие во просек заработуваат околу четири долари на час. Надоместот се разликува по региони, па така американските микро работници заработуваат 4,70 долари, а нивни колеги од Африка само 1,33 долари.

Се верува дека овој вид на работа не е минлива, туку е од голема важност за развој на нови технологии, како што е вештачката интелигенција. Експертите сметаат дека дури и машините да научат да прават разлика, на пример, меѓу куче и маче, тие и понатаму ќе имаат потреба од нови детали за да препознаваат на други јазици и во други земји.

Фото: Freepik