По годинешното откажување на Салонот за автомобили во Женева поради пандемијата на коронавирусот, се зголемуваат шансите и изданието во 2021 година да не се одржи.
Во последното соопштение до јавноста, Фондацијата на меѓународниот салон за автомобили во Женева истакна дека поради годинешното откажување, побарале финансиска поддршка од кантонот Женева за да ги покријат загубите проценети на 11 милиони швајцарски франци со цел да се подготват за следната година.
Државниот совет на Женева предложи грант од 16,8 милиони франци, но оваа понуда беше одбиена од страна на Фондацијата на меѓународниот салон за автомобили во Женева, од каде истакнуваат дека условите се контрадикторни со статутите на Фондацијата.
“За жал, условите кои се прикачени за овој заем, кои особено имаат за цел целосно да ги нарачаат услугите од изложбата, вклучително и концептуализацијата на Palexpo SA, не се прифатливи за Фондацијата. Всушност, тие се контрадикторни со статутите и особено со целта на Фондацијата формулирана пред повеќе од 100 години“, стои во соопштението.
Според Фондацијата, во договорот околу заемот постои одредба според која Салонот во Женева мора да се одржи во 2021, но тоа останува неизвесно. Од GIMS велат дека најголемите изложувачи ги охрабруваат наместо во 2021, да се насочат кон следното издание за 2022 година.
Од Фондацијата на Салонот во Женева додаваат дека продолжуваат нивните напори “што е можно побрзо да се врати финансиската стабилност со цел да може да се организира следното издание“. Како потсетување, Меѓународниот Салон за автомобили во Женева е најголемиот настан во Швајцарија. Во 2019 година привлече повеќе од 600.000 посетители и речиси 10.000 медиумски претставници. Според проценките, кантонот Женева има финансиски бенефит од овој настан од речиси 200 милиони швајцарски франци. Со оглед на откажувањата и презакажувањата на автомобилските настани годинава, прашање е дали во блиска иднина ќе имаме можност повторно да сведочиме на одржување на некој автомобилски Салон.
Преземено од Avtoplus.mk