Над 70 бродови натоварени со шеќер се подготвени да испловат од пристаништето Сантос во Бразил, пренесува Ројтерс.
Причина за тоа е зголемената побарувачка за шеќер на глобално ниво, чија достава беше загрозена поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Бразил, според податоците, во последните неколку недели оствари рекордно високо производство на шеќер. Од друга страна, оваа земја во овој момент се соочува со сериозни бројки поврзани со бројот на заразени лица од коронавирусот.
Оваа пандемија, освен што го загрозува здравјето на луѓето, влијаеше и на производството и на извозот на шеќер. Пред неколку денови, големи бродови не можеа да го напуштат пристаништето Сантос бидејќи неколку членови од екипажот беа позитивни на вирусот.
Бродовите се натоварени со над три милиони тони шеќер. Истиот период лани, чекаа да испловат бродови што носеа 700.000 тони. Времето на чекање сега е дури 29 дена, наспроти само четири до пет колку што беше минатата година.
Купувачите според мајските договори купуваат 2,26 милиони тони сиров шеќер, што е своевиден месечен рекорд. Таа количина треба да се испорача во Њујорк до крајот на јули.
Фото: Freepik











