Овој Чех разви профитабилен бизнис и привлекува посетители од цел свет

303

Дали сакате да изградите атракција на 200 метри квадратни и да привлечете посетители од целиот свет? Отворете Куќа на пеперутки, вели Збинјек Черни, сопственик на чешкиот концепт Papilonia.

Необичното бизнис патување на Збинјек Черни започнува во 2015 година во Карлови Вари.

Идејата за изградба на комплексот Papilonia, којшто ќе стане дом за повеќе од 600 видови егзотични пеперутки, првично се чинеше како невозможна мисија. Дотогаш, никој не се обидел да изгради живеалиште под вештачко осветлување, во затворен простор, но со сите потребни услови за формирање на здрав екосистем.

“Веќе во првата, подготвителна фаза, сфативме колку е иновативна и амбициозна оваа идеја. Немаше студија, немаше релевантно истражување, не можевме да најдеме одговори на стотици наши прашања. Дури и врвните ентомолози (проучувачи на инсекти) или искусните менаџери на слични комплекси од странство не можеа да ни помогнат. Освен тоа, тие искрено ни кажаа неколку пати дека ќе дојдат кај нас за совет ако успееме во нашата намера. Сфативме дека започнавме сосема уникатен проект, на глобално ниво. Беше долг, тежок и трнлив пат“, вели Черни.

И покрај сè, Papilonia беше отворена во 2015 година во Карлови Вари и од тогаш не престана да воодушевува и привлекува љубопитни луѓе од целиот свет, пренесува Franchising.rs.

По само две години, во Прага беше изградена и отворена втора куќа со пеперутки, а комерцијалниот успех на концептот го натера Черни да започне да размислува за давање франшиза.

Две лиценци, за градовите Брно и Липно, беа договорени пред да избие пандемијата на коронавирус. Се очекува овие две куќи на пеперутки под франшиза да бидат отворени во текот на јули и август.

“Секако, размислуваме и за проширување надвор од границите на Чешка“, вели Черни.

Тој објаснува дека широкиот избор на локации каде што може да се отвори Papilonia не е единствената предност на овој концепт. Комплексот целосно симулира природни услови кои овозможуваат одржување на здрав екосистем. Работните трошоци за одржување не се премногу високи, а внатрешноста може да се прилагоди и стилизира по желба.

“Секако, пеперутките мора да се развиваат и да се движат непречено, така што минималната големина на просторот за летање треба да биде помеѓу 100 и 200 метри квадратни. Искуството покажува дека идеалната големина е 150 метри квадратни. На ова треба да се додадат и просториите за персоналот, техничката просторија и приемот. Сè на сè, целиот комплекс треба да има од 200 до 250 метри квадратни“, вели Черни.

Тој проценува дека треба да се инвестираат максимум 275.000 евра, но во пракса треба да биде многу помалку. Враќањето на инвестицијата не треба да чека повеќе од три или четири години.

“Куќата со пеперутки во Прага ја посетиле повеќе од 92.000 луѓе само во текот на првата година на деловно работење, а тој број се зголеми за 10% на 15% секоја следна година. Papilonia во Карлови Вари стана една од десетте најпосетувани атракции во регионот и се натпреварува, практично, само со знаменитости како што се замокот Локет или замокот Бечов“, тврди Черни.

Фото: Papilonia