Продажбата на автомобили во ЕУ годинава ќе опадне за 25%

35

Европската асоцијација на автомобилски производители направи ревизија на своите продажни предвидувања за 2020 година, а истите не делуваат ветувачки.

Европското здружение на автомобилски производители, ACEA предвидува дека продажбата на автомобили на европскиот пазар, односно во Европската унија, оваа година ќе опадне за 25% поради здравствената криза предизвикана од пандемијата на коронавирусот.

ACEA, чие седиште се наоѓа во Брисел, соопштува дека автомобилската индустрија се соочува со голема економска криза поради пандемијата. Во соопштението се наведува дека проценките за продажбата на нови автомобили предвидени за оваа година во земјите од ЕУ се помали за 25%.

Минатата година во земјите од Европската унија беа продадени 12,8 милиони автомобили, а се очекува таа бројка во 2020 година да биде намалена за нешто повеќе од три милиони, односно да се продадат 9,6 милиони автомобили. Со економската криза предизвикана од пандемијата, пазарот на нови автомобили во ЕУ се намали за 41,5% во првата половина од оваа година, а се очекува ситуацијата во следните месеци да закрепне со ублажувањето на рестриктивните мерки во земјите.

Исто така, од ACEA наведуваат дека продажбата на автомобили ќе биде на најниско ниво од 2003 година, а земајќи го предвид придонесот на овој сектор кон производството и вработувањето, побарана е политичка и економска поддршка од државите членки на ЕУ.

Асоцијацијата бара помош од ЕУ

“ACEA ја задржува надежта дека ова драматично сценарио ќе биде ублажено преку брзи и силни мерки од страна на ЕУ и националните влади. Со оглед на досега невидениот колапс на продажбата, иницијативите за купување и финансиски шеми се повеќе од потребни во ЕУ за да се креира повеќе од потребната побарувачка за нови автомобили. Во интерес на нашата индустрија и европската економија, бараме неопходна политичка и економска поддршка со цел да се лимитира штетата врз производството и вработувањето во следните месеци“, изјави генералниот директор на асоцијацијата, Ерик-Марк Хуитема.

За потсетување, во април, кога на сила беа најрестриктивните мерки, продажбата на нови автомобили во цела Европа опадна за цели 78%.

Преземено од Avtoplus.mk