Германија го зголемува минималецот и покрај пандемијата

79

Минималната плата во Германија до средината на 2022 година би требало да се зголеми за 11,7%, едногласно заклучија претставниците на синдикатите, работодавците и академската заедница.

Во моментов, минималната плата во најголемата европска економија изнесува 9,35 евра на час, а до средината на 2022 година би требало да порасне на 10,45 евра на час.

Се препорачува на почетокот на следната година да се зголеми на 9,50 евра на час, на средината на годината на 9,60 евра и на почетокот на 2022 година на 9,82 евра. Конечниот износ од 10,45 евра на час би требало да биде воведен кон средината на 2022 година.

Препораката е донесена едногласно. Владата планира да го претвори планираното покачување на платите во закон и се очекува да ги следи препораките на комисијата.

За зголемување на минималната плата било дискутирано во контекст на економската криза којашто ја предизвика пандемијата од коронавирус. Работодавците предупредувале дека превисоката минимална плата може да им наштети на компаниите, додека синдикатите барале зајакнување на работните места.

Германија ја воведе минималната плата на почетокот на 2015 година. Тогаш изнесуваше 8,50 евра на час.

Фото: Pixabay