На оваа европска држава ѝ се заканува банкрот

481

На Република Сан Марино ѝ се заканува опасност од банкрот поради економската криза предизвикана од пандемијата со Ковид-19, а поради долгот, би можела да ја изгуби и својата 1300 години стара самостојност, пишува дневниот весник Il fatto Quotidiano.

Република Сан Марино, од почетокот на епидемијата се противеше од економски причини да воведе карантин, а откако се заразија 1.200 граѓани од вкупно 33.000 и процентуално скокна на прво место по бројот на заразени во светот, властите беа присилени да воведат рестриктивни мерки.

Уште пред пандемијата, банкарскиот систем на земјата беше во колапс, долговите пораснаа на 360 милиони евра, а сега за да избегне финансиска пропаст, властите на Сан Марино бараат помош од првиот сосед Италија и Банката на Италија.

Република Сан Марино долго време беше даночен рај, идеално место за криење пари и траги на фирми чиешто богатство сопствениците не можеа да го докажат.

Од 11 банки, шест банкротираа, загубите мораше да ги надомести државата, а една банка се национализираше.

Во последните пет години богатството на Републиката е двојно намалено, бруто домашниот производ пред пандемијата бил помал за 28%, а поради Ковид-19 и карантинот намален е за уште 12%.

За да ја ублажи економската криза, Република Сан Марино испечатила државни обврзници Титано (по името на планината на која се протега) во вредност од 500 милиони евра. Една титано обврзница вреди едно евро, но тоа не е доволно, бидејќи недостасуваат пари за исплата на пензии и за живот, пишува весникот.

Дури се размислува и за воведување данок на додадена вредност (ДДВ), што би претставувало преседан во историјата на најмалата држава на светот.

Il fatto Quotidiano пишува дека, доколку на Сан Марино не му се помогне, би можело да падне во раце на кинески или руски капитал. Тогаш овие држави би го искористиле тоа за купување гласови во меѓународни институции како што е Организацијата на Обединетите Нации.

Во Сан Марино живеат околу 10.000 Италијанци кои имаат двојно државјанство, па тоа е и еден од мотивите поради кои италијанските политичари апелираат да се помогне, бидејќи ако пропадне Сан Марино тоа ќе биде трагедија и за Италијанците, тврди членот на демократската партија Марко ди Мајо.

Фото: Pixabay