Пресметано колку чинат економските последици од коронавирусот

108

Австралискиот совет за истражување ARC, одлучи да финансира голема меѓународна студија за влијанието на пандемијата на глобалната економија, во којашто се вклучиле голем број научници ширум светот предводени од Универзитетот во Сиднеј, пренесува Seebiz.

Студија објавена во списанието PLOS ONE покажува дека пандемијата со Ковид-19 ја чинела светската економија дури 3,8 билиони долари и оставила без работа 147 милиони лица.

Добар дел од тие 3,8 билиони американски долари биле за спроведување на мерките за намалување на ширењето на вирусот, како и на економските мерки за да им се помогне на компаниите и поединците на кои им е забрането да вршат бизнис. Најпогоден сектор од пандемијата е транспортната индустрија, а трговијата, туризмот, енергетиката и финансиите, особено во Азија, Европа и САД, претрпеа и продолжуваат да имаат големи последици.

Студијата укажува дека единствената позитивна страна е влијанието врз животната средина, што резултираше со најголем пад на емисиите на стакленички гасови во историјата.

Околу 2,1 билион долари изнесува загубата од неисплаќање на плати, а 536 милијарди долари е заради намалувањето на меѓународната трговија.

Глобалната економска состојба и постојните загуби на работни места наскоро ќе влијаат на квантитетот и квалитетот на работењето, како и на ранливите групи вработени како мигрантите и неквалификуваните работници кои не можат да се прилагодат на работа во виртуелна средина.

Покрај тоа, ќе се прошири јазот помеѓу богатите и сиромашните и целосно може да ги сруши здравствените системи во земјите со пониски приходи.

Еден од авторите на оваа студија, д-р Арунима Малик, вели дека ова е најголемиот економски шок од Големата депресија, кога глобалната економија потона за 15%, додека најголемиот пад на емисиите на стакленички гасови во историјата доведе до значително намалување на смртните случаи од загадување, што друга студија еден ден, исто така, може да направи пресметки.

Студијата покажа и дека поради пандемијата, на три милијарди луѓе им било речено да останат дома, од кои повеќе од една милијарда луѓе завршиле во изолација само во Индија.

За да се спроведе оваа студија, истражувачите користеле податоци од 38 региони во светот и 26 индустриски сектори, кои на различни начини претрпеле економски последици од пандемијата, како на пример загуби во земјите на ОПЕК затоа што тие не извлекоа доволно нафта заради намалената побарувачка во транспортниот сектор.

Што се однесува до точноста на резултатите од оваа студија, потпретседателот на Универзитетот во Сиднеј, д-р Мајкл Спенс, вели дека нивната работа е овозможена од таканаречената платформа за соработка foot print која ја основале пред десетина години и која денес им овозможува брзо и сигурно симулирање на светската економија со цел да се види како општеството и околината влијаат врз нашата потрошувачка.

Истражувањето е спроведено во глобална лабораторија MRIO, каде се собрани сите податоци од меѓународна соработка, што потоа овозможи со компјутерски модел да се дојде до бројките за кои научниците веруваат дека се многу точни.

Фото: Pixabay