Најголем пораст на официјалниот пазар на Македонска берза, од почетокот на годината до крајот на јуни, имаат акциите на ЗК Пелагонија од Битола со скок од 70,07%, покажува Полугодишниот статистички билтен на берзата за периодот јануари – јуни оваа година.
Меѓу петте акции со најголем пораст во првото полугодие беа и оние на: РЖ Економика Скопје (41,67%), Оранжерии Хамзали Струмица (29,87%), Уготур Скопје (20%) и Хотели Метропол Охрид (12,28%).
Како најголеми губитници во првото полугодие се најдоа: Тетекс Тетово (-38,07%), Окта Скопје (-31,25%), РЖ Услуги Скопје (-28,57%), ТТК Банка (-24,91%) и Прилепска пиварница (-23,17%).
Анализирано по месеци, најголем промет е остварен во март (2.785.792.356 денари). Од друга страна, најнизок е прометот остварен во јуни од 445.771.892 денари. Вкупниот промет, реализиран од класично тргување, блок трансакции и јавна понуда на хартии од вредност, во првите шест месеци оваа година достигна ниво од 5.840.421.989 денари.
Најтргувани акции на официјалниот пазар, беа оние на Комерцијална банка со реализирани 4.744 трансакции. Меѓу петте најтргувани акции во првите шест месеци беа и оние на: Алкалоид (2.531 трансакција), Макпетрол Скопје (1.649 трансакции), НЛБ Банка (972 трансакции) и Гранит (1.470 трансакции).
Во периодот јануари – јуни оваа година, пазарната капитализација достигна 172.736.531.720 денари или 2,43% повеќе во споредба со истиот период лани. Кај прометот, којшто се позиционираше на 5.840.421.989 денари, има пораст од 56,89%, додека кај вкупниот број на трансакции (14.754) се забележува скок од 62,11%.
Индексот МБИ10 се позиционираше на 4.116,66 поени или 7,72% повеќе во однос на истиот период лани.
Фото: Freepik











