Крај за кражба на велосипеди, произведен материјал што не може да се пресече

192

Наскоро може да им дојде крај на маките на сите сопственици на велосипеди кои се плашат од кражба. Инженери осмислија вештачки материјал којшто не може да се пресече. Тоа го прави совршен за производство на врати кои не може да се пробијат, но и за заштитна облека.

Тимот инженери го направи материјалот со вградување керамички топки во алуминиумски сунѓер. На тој начин добиле материјал кој не може да се пресече со нож, да се продупчи со дупчалка, дури ни со млазен воден сечач.

Материјалот се вика протеус, а го добил името по грчкиот бог кој го менува обликот затоа што и материјалот се преобразува на разни начини за да се одбрани од оштетување. Не станува збор за тврда површина која не попушта под надворешниот притисок, туку за материјал кој силата на сечење ја свртува против самиот алат и ја користи за да го направи алатот неупотреблив со помош на керамичките топки кои создаваат вибрации кои не попуштаат под надворешната сила.

“Тоа е магично. Навистина ги уништува сечилата со неправилни вибрации од страната која ги создава или пак, го шири млазот на водениот секач“, појаснува Миранда Андерсон од британскиот Универзитет Стирлинг, која работела на проектот.

Тоа не е се. Материјалот има и секундарен одбранбен механизам. Кога некој ќе се обиде да го пресече, керамичките топки се разбиваат во уште поситни фрагменти, кои се уште потврди и се однесуваат како груба шмиргла против надворешната сила. Така, секоја алатка што ќе се употреби за сечење потоа е неупотреблива.

Единствениот материјал со кој може да се спореди протеус е дијамантот, но протеус е поевтин и полесен од дијамантот, па затоа е и пошироко применлив. Андерсон верува дека може масовно да се произведува и дека никогаш нема да дојде до ситуација да нема метали и керамика од кои ќе се произведе.

Фото: Freepik