Данска, Норвешка и Шведска се соочуваат со една од најголемите економски кризи во нивната историја оваа година поради пандемијата на коронавирус, но тие треба да се опорават уште следната година, покажа последното истражување на Reuters. Во истражувањето, спроведено од 21 до 23 јули, учествуваа 29 економисти од Шведска, 26 од Норвешка и 15 од Данска.
Последиците од пандемијата во нордиските економии изгледаат нешто полоши отколку што очекуваа економистите во истражувањето спроведено во април и сега предвидуваат дека голем дел од регионот е на добар пат за најголем годишен економски пад од Втората светска војна.
Овие извозно ориентирани економии се базираат на трговија, а најголемите извозници се погодени од пандемија што ги наруши глобалните ланци на снабдување. Шведска и Норвешка најверојатно ќе забележат пад од 5% и 4,5 % во економијата оваа година, соодветно, што ќе биде најголемиот пад од Втората светска војна. Се очекува Данска да има пад 4,3 %, што претставува најголем пад од финансиската криза во 2009 година.
Владите и централните банки впумпаа пари во економиите за борба против негативните ефекти од пандемијата. Норвешката централна банка ги намали во мај клучните каматни стапки на рекордно ниско ниво, додека Шведска одржуваше нулта клучна каматна стапка и значително ја зголеми својата програма за откуп на обврзници.
Економистите, од друга страна, очекуваат брз пресврт во економиите во 2021 година, со стапки на раст скоро на нивото што треба да паднат годинава, благодарение на постепеното укинување на ограничувањата и очекуваните ефекти од фискалниот стимул. Ова ги подобри нивните очекувања во однос на оние во истражувањето во април.
Тие предвидуваат раст од 3,9 % за шведската економија, 4% за норвешката економија и 3,8% за данската економија. Но, растот на вработеноста се чини дека е бавен, бидејќи тие очекуваат невработеноста да падне само малку помеѓу 2020 и 2021 година. “Иако е засегнат од пандемијата, нордискиот регион работи подобро од многу други земји во Европа и пошироко“, рече Роберт Бергвист, главен економист во SEB банка.
“За нордискиот регион е многу важно како Европа, САД и Азија се опоравуваат, бидејќи зависи од глобалната економија“, рече тој, додавајќи дека шведската влада најверојатно ќе објави натамошен фискален стимул во септември.