Renault Zoe – најпопуларен електричен автомобил во Европа

89

Францускиот производител Renault има причини за задоволство бидејќи електричниот градски автомобил Zoe е најпродаваниот EV (electric vehicle) во Европа.

Малиот градски автомобил Renault Zoe може да се пофали со ласкавата титула за најпродаван електричен автомобил на Стариот континент во првата половина од годината. Иако Zoe не се карактеризира со голема автономија, или некои којзнае какви перформанси, тоа сепак не е пресуден фактор за купувањето на електричен автомобил. Барем така велат продажните резултати, а бројките се факт.

Имено, Renault Zoe успеал да го привлече вниманието на 37.540 купувачи во Европа, со раст на продажбата од речиси 50%. Успехот на овој електричен адут на Renault е уште поголем ако се согледа пласманот на глобално ниво каде што се испорачани 42.000 примероци. Ова е одличен резултат, особено ако се земе предвид дека Renault во целата 2019 година имаше нешто помалку од 50.000 продадени електрични автомобили. Француската марка со право се потпира токму на Zoe, со оглед на тоа дека малиот градски автомобил од своето појавување на пазарот во 2013 година постојано бележи раст на продажбата.

Zoe зад себе успеа да го остави Tesla Model 3, електричното издание на Volkswagen Golf, како и Nissan Leaf. Сепак, јасно е дека продажната борба во оваа класа на автомобили во Европа допрва ќе се вжешти, бидејќи пристигнуваат и нови конкуренти. Меѓу нив се и електричниот тандем на PSA групацијата како Opel Corsa-e и Peugeot e-208, како и Volkswagen ID.3.

Преземено од Avtoplus.mk