Европејците трошат помалку и штедат повеќе од почетокот на пандемијата

139

Реалната потрошувачка на домаќинства по глава на жител во првиот квартал на 2020 година во земјите од еврозоната опадна за 3%, а во цела ЕУ за 2,9%, објави Европското биро за статистика, Евростат.

Наведено е дека ова е период кога беа на сила широки мерки за заштита од ширење на Ковид-19 и дека ова е најголем пад на потрошувачката на домаќинства во ЕУ од 1999 година и почетокот на мерењето на таквата статистика.

Евростат наведува дека во истиот период имало зголемување на бруто расположливиот приход кај домаќинствата во Еврозоната за 0,9%, а на ниво на ЕУ за 1,2%.

Во првиот квартал на 2020 година, стапката на заштеда на домаќинствата во Еврозоната и во ЕУ се зголеми за 4,3% во однос на четвртиот квартал од 2019 година.

Најголем пораст е забележан во Белгија, Данска и Холандија, а најмал во Полска, Шведска и Чешка.

За сите, освен за две земји членки, зголемувањето на стапката на заштеда беше објаснето со силно намалување на индивидуалните трошоци.

Падот на индивидуалната потрошувачка на домаќинства е најизразен во Италија, Шпанија и Белгија, а потоа следува Франција.

Во исто време, бруто расположливиот приход варираше, зголемувајќи се во Полска, Данска, Чешка, Ирска, Холандија и Финска, а се намали во Шпанија, Италија, Португалија, Германија и Австрија, пренесува Евростат.

Фото: Freepik