Царовска: Создаваме мерки за јакнење на економско социјалната состојба на жените

36

Заменичката на претседателот на Владата за економски прашања, Мила Царовска, учествуваше и се обрати на Меѓународната е-конференција за жени лидери на тема – Социјалното и економското влијание на Ковид-19 врз жените и девојчињата, организирана од MASHAV-Израелска агенција за меѓународна соработка и развој.

Вицепремиерката Царовска истакна дека изминатиот период, вклучувајќи ја и пандемијата, е направен исчекор во креирање политики и мерки со кои се зајакнува социјалната и економската состојба на жените и девојчињата во Северна Македонија.

“Сепак пандемијата ни донесе нови предизвици кои бараа креирање на итни економски и социјални мерки за поддршка на економијата и економскиот и социјалниот статус на граѓаните и во сето тоа да биде опфатена и родовата еднаквост. Од сегашна перспектива, можам да кажам дека имавме брза реакција на ситуацијата со усвојување на три пакети на економски мерки. Вкупните инвестиции за поддршка на македонската економија од сите три пакет мерки се во вредност од околу 550 милиони евра или околу 5,5% од БДП. Една од главните мерки воведени во првиот пакет економски мерки беше финансиска поддршка на компаниите за исплата на плати. Финансиската поддршка за исплата на плати беше наменета за сите компании кои заради Ковид кризата имаа ниски приходи и не беа во можност да ги платат платите. Помошта беше дадена на околу 20.000 компании и околу 5.500 самовработени лица. Кризата особено влијаеше на сектори во којшто најмногу се вработени жени, производството, особено во текстилната индустрија, туризмот, трговијата, така што финансиската поддршка беше важна за зачувување на женските работни места на пазарот на трудот. Анализата на тинк-тенк организацијата Finance Think покажа дека одговорот на Владата на Ковид-19 спаси 75.000 работни места, во ризик да бидат изгубени. Додека оние што ги загубија своите работни места во екот на кризата Ковид-19, можеa да аплицираат за материјално обезбедување во Агенцијата за вработување. Системот за социјална заштита исто така беше релаксиран. Сите семејства оставени без приходи можеа да влезат во системот на социјална заштита и да добијат гарантирана минимална помош. Преку активните програми за вработување е обезбедена финансиска поддршка за нови бизниси, истовремено постигнувајќи рамноправна застапеност на половите“, нагласи вицепремиерката Царовска.

Вицепремиерката посочи дека во периодот на пандемија се води сметка и за поддршка и заштита на жените и децата од семејно насилство. Затоа Владата посветува посебно внимание на ова прашање и ги проширува активностите за да ги заштитиме жените и децата од каква било форма на насилство.

“Во согласност со политиките за поддршка на жените во време на криза чии последици продолжуваат и во наредниот период, мерките предвидуваат и заем без камати во износ од 31 милиони евра, кои треба да станат оперативни наесен. Грант од 30% од заемот ќе се додели на компании раководени или основани од жени, кои вработуваат млади луѓе, ориентирани кон извоз или ќе воведат иновации, дигитализација и е-трговија во нивното работење“, посочи Царовска во своето обраќање на меѓународната е- конференција.