Три години ќе добиваат 1.200 евра месечно, а нема да работат ништо

125

Германските економисти и активисти го започнаа првото долгорочно истражување за универзален основен доход коешто би можело да помогне во изнаоѓање решенија за последиците од корона кризата, објави германскиот институт за економски истражувања DIW.

Како дел од истражувањето, испитаниците три години ќе добиваат по 1.200 евра месечно, објави DIW.

Во првата фаза во истражувањето ќе бидат опфатени 120 учесници кои ќе бидат избрани по случаен избор, објасни институтот поканувајќи ги заинтересираните граѓани да се пријават да учествуваат. До крајот бројот на учесници треба да се зголеми на 1.500, пренесува Novac.hr.

До средата претпладне, повеќе од 480.000 граѓани веќе се пријавиле да учествуваат, според веб-страницата Pilotprojekt Grundkommen.

DIW спроведува истражувања во соработка со здружението Mein Grundeinkommen (Мој основен доход) и со истражувачи од Институтот Max Planck и Универзитетот во Келн.

Парите ќе се добијат преку приватни донации, а приходот ќе започне да се исплаќа на пролет следната година.

“Сакаме да знаеме како (основниот доход) влијае на нашето однесување и ставови и дали може да ни помогне да се справиме со тековните предизвици во нашето општество“, вели иницијаторот, Мајкл Бохмејер.

Претставувајќи го проектот, истражувачот на DIW, Јирген Шуп, истакна дека истражувања  се веќе спроведени во целиот свет, но резултатите од нив биле ограничени.

“Или се застарени или ги проучуваат основните приходи само за невработените. Во овој контекст, ние навистина отвораме ново поле за истражување во Германија “, рече Шуп.

Кога станува збор за основниот доход, досега дебатата главно се однесуваше на тоа дали ќе се мотивираат луѓето да се вклучат повеќе во економијата и општеството или ќе се поттикне мрзеливост.

Спорни се високите трошоци за таква програма. Така, плаќањето од 1.000 евра месечно во Германија, кое има население од нешто помалку од 83 милиони, би чинело речиси 1.000 милијарди евра годишно.

Германските државни расходи во моментов се нешто помалку од 1.500 милијарди евра, според Федералното биро за статистика Destatis.

Фото: Freepik