TechArt направи специјален третман за Porsche 911 кабрио

62

Германскиот тјунер TechArt одлучи да направи неколку промени и унапредувања на Porsche 911 (992) кабрио варијантата во чест на TAG Motosports.

Беше прашање на време кога тјунерите ќе започнат со модификациите на новата 992 генерација на Porsche 911 Иако можеби на Porsche 911 кабрио не му се потребни некои посебни унапредувања, сепак во TechArt сметале дека добро ќе дојдат неколку естетски и визуелни промени кои ќе ги задоволат потенцијалните клиенти.

Првата работа која се забележува кај овој автомобил е неговиот body kit, кој според конфигураторот на германскиот тјунер TechArt е наречен Package 1. Тој содржи преден спојлер, странични прагови и нов заден спојлер. Меѓу останатите модифицирања тука е и специјално изработениот издувен систем кој е 40 проценти полесен од стандардниот, нови амортизери, Formula V тркала и вкупна моќност од 530 КС.

Под сето ова, овој Porsche 911 кабрио е Carrera S или 4S модел (тјунерската компанија не сподели конкретни информации). Но, тоа не прави некоја поголема разлика, бидејќи двете верзии испорачуваат иста моќност од 450 КС и 530 Nm максимален вртежен момент.

Со оглед на тоа дека овој автомобил имаше способност да го достигне спринтот од нула до “стотка“ за 3,7 секунди, дополнителната моќност која ја добива со третманот овозможува времето потребно за спринтот да се симне на 3,4 секунди, што е прилично брзо според сите стандарди.

Инаку, овој Porsche 911 кабрио е направен во чест на TAG Motosport, a внатрешноста е во црвено-црна боја. Модифицираниот автомобил има и специјално изработен управувач дизајниран од страна на Tech Art. Ентериерот е исполнет со детали од карбон, како и специјално изработени педали. Надворешноста на автомобилот е во Dolomite Silver финиш во комбинација со сјајни црни детали.

Преземено од Avtoplus.mk