Најпрофитабилната петорка заработи 3,6 милијарди денари

173

Меѓу петте најпрофитабилни компании, коишто котираат на берза, се најдоа три банки, една телекомуникациска и една производна компанија, чија вкупна добивка е 3.687.229.000 денари, во текот на првите шест месеци од оваа година.

За Стопанска банка, првото полугодие заврши со добивка од 951.556.000 денари, зад нејзе е Комерцијална банка со полугодишна добивка од 751.808.000 денари, додека на трето место се позиционираше НЛБ Банка со 705.377.000 денари. Петорката најпрофитабилни ја заокружуваат: Македонски Телеком со 692.844.000 денари и Цементарница Усје со 585.644.000 денари.

Според податоците на Македонска берза, во периодот од први јануари до 30-ти јуни годинава, 64 од котираните компании прикажаа добивка, 33 завршија во минус, додека од вкупно 100 компании, три не објавиле финансиски извештаи.

Добивките на овие 64 компании, кумулативно, изнесува 5.741.494.563 денари, што е намалување од 13,48% во споредба со истиот период лани. Во првото полугодие од минатата година, 72 од компаниите што котираат на берза, оствариле добивки во вкупна вредност од 6.636.019.102 денари.

Ако се анализираат загубите на компаниите, во тој случај во првите шест месеци од годината, 33 компании завршиле во минус (-737.736.974 денари), што е за 45,42% повеќе во однос на првото полугодие во 2019 година, кога 26 компании работеле со загуба (во вкупен износ од -507.304.401 денар).

Највисока загуба, во првите шест месеци, е онаа на компанијата Окта (-207.959.689 денари), по што следуваат: ЗК Пелагонија (-132.997.000 денари), Дебарски бањи Цапа (-28.922.000 денари) и ГД Тиквеш (-13.600.000 денари).

Фото: Freepik