Третина од вработените во ИТ компаниите, маркетинг агенциите, мали и средни компании во Србија би сакале да продолжат со работа надвор од канцеларија и по пандемијата од коронавирусот, покажува истражувањето што го спроведе Startit.
Во анкетата направена на Twitter, 18,5% од испитаниците велат дека се чувствуваат осамено работејќи од дома, бидејќи им недостасуваат колегите. Исто така, анализата покажува дека вработените сакаат сами да ја изберат локацијата на којашто ќе сакаат да работат, а 6,1% од испитаниците велат дека се подготвени да се преселат од големите градови во внатрешноста на земјата од каде што би можеле да работат од далечина.
Вкупно 55,7% од анкетираните рекле дека сакаат да избираат дали ќе работат од канцеларија или од дома. Оние кои веќе работат од дома, на таквото искуство му дале висока оценка 4,05, додека секој деветти испитаник рекол дека не сака да продолжи работата надвор од канцеларија по завршување на пандемијата.
И пред пандемијата, според податоците, околу 30% од анкетираните барем еднаш во неделата во големите градови работеле од дома.
Запрашани кои се најголеми придобивки од работата од дома, анкетираните сметаат дека тоа е заштедата на време што го поминуваат на патот до работа, а голем дел од нив како предност ја наведуваат подобрата концентрација и фокусираност, како и поголема флексибилност.
Најголем проблем со којшто се соочувале била осаменоста, а потоа и фактот што немаат ограничено работно време кога работат од дома.
Фото: Freepik