Дали би плаќале месечна претплата за патики наместо да ги купувате?

79

Швајцарската компанија On, што е позната по иновации за чевли, сега најавува нешто сосема поразлично – патики за трчање Cyclon за коишто заинтересираните ќе плаќаат месечна претплата од 32 евра.

Животниот век на патиките е проценет на околу 400 километри, по што ѝ се враќаат на компанијата што ќе ги искористи за правење нов пар. Нема отпад, а претплатата им овозможува на корисниците секогаш да ја добиваат најдобрата технологија што доаѓа од лабораториите, пишува Циркуларна економија.

Компанијата е уверена дека има доволно клиенти кои ќе го прифатат циркуларниот модел преку “поседување услуга, наместо производ“. Затоа, новиот производ го рекламираат со зборовите: “патики што никогаш нема да ги поседувате“ и “поседувајте трчање наместо патики“.

Засега се знае дека патиките тежат 200 грама, се во бела нијанса и ќе имаат лежиште од пена. Тие се направени од 100% рециклиран материјал, со технологија што претходно не била користена, па е потребно време за да се задоволи одржливоста, но и да има гаранција дека нивните перформанси нема да бидат загрозени.

Од компанијата очекуваат новите патики на пазарот да се најдат следната есен, но сега овозможуваат резервации за сите заинтересирани.

Фото: Pexels