Богати и славни сакаат луксузни резиденции во Хрватска

197

Еден од водечките светски посредници во промет на луксузни недвижнини, Christie’s International Real Estate од неодамна е присутен во Хрватска, пишува Пословни дневник.

“Гледаме голем потенцијал во Хрватска. Таа веќе со години е дестинација којашто ја посетуваат богати и славни. Досега таков вид на гости го ограничуваа својот интерес на туристичка посета на Јадранот, но не постои причина зошто Хрватска не почне да привлекува таков вид на поединци и како купувачи на недвижнини“, вели Иван Ковачиќ, извршен директор на Remington Realty Хрватска, компанија што ја застапува Christie’s International Real Estate.

Според него, штом оваа компанија отвора своја канцеларија во Хрватска, земјата добива платформа преку којашто ќе се позиционира на глобалната мапа на пазарот на луксузни недвижнини, како и за привлекување меѓународни квалификувани купувачи. Недвижнините се претставуваат на глобално ниво, преку комбинација на мови медиуми со проверени маркетинг алатки и допираат до угледни купувачи, светски инвеститори и познати бизнис лидери.

“Хрватска секое лето ги привлекува најбогатите луѓе во светот кои пловат по Јадранот по што е видлива атрактивноста на Хрватска за моќни и квалификувани купувачи. За жал, во овој момент крајбрежните дестинации тешко може да им понудат на сопствениците на јахти и мега јахти содржини прилагодени на нивниот животен стил што ќе ги мотивираат да купат недвижнини и да ја направат Хрватска нивен втор дом“, вели Ковачиќ.

Инаку, Christie’s International Real Estate во последните пет години преку мрежата на посредници оствари продажба на недвижнини во вредност од околу 500 милијарди долари. Компанијата е присутна на 49 пазари со 940 канцеларии ширум светот.

Фото: Pexels