Интернационалното дизајнерско студио, со седиште во Комо, MA-DE ја оживеа легендарната “пегличка“, односно моделот Fiat 126.
Легендарниот модел на Fiat е повторно оживеан од страна на дизајнерското студио MA-DE. Секако, во согласност со новите времиња, легендарната “пегличка“ добива и електричен погон. Инаку, станува збор за електричен концепт наречен Fiat 126 Vision, а оваа реинтерпретација го задржа препознатливиот облик на легендарниот автомобил во комбинација со елегантни линии.
Популарната “пегличка“ беше претставена во 1972 година на Салонот за автомобили во Торини како замена за Fiat 500. Станува збор за мал градски автомобил со погон на задните тркала наменет за четири патници, а се произведуваше до 2000 година. Од производната лента се симнаа точно 4.683.655 примероци. Производството се одвиваше во Касино и Термини Имересе во Италија, Тихи во Полска, Штаер во Австрија, како и во Крагуевац во поранешна СФРЈ.
Сега, студиото MA-DE одлучи да го оживее легендарниот Fiat 126 и да му даде нов изглед преку креирањето на новиот концепт, но популарната „пегличка“ не го загуби својот идентитет. Дизајнерите ги задржаа контурите и стилските елементи како што е препознатливиот покрив и задните светла, а автомобилот, е замислен да има електричен погон.
Од MA-DE истакнуваат дека компанијата е “љубопитна и пасионирана за новитетите и модернизмот, поради што Fiat 126 Vision е совршен приказ за тоа“. Косопственикот на MA-DE, Андреа Дела Векија истакнува дека “со овој 126 Vision, ние одлучивме за зачувување, присвојувајќи нова интерпретација, на контурите и некои безгрешни стилски елементи, како што е покривот, задниот дел и квадратните предни светла“.
Интересно, ова е првиот автомобилски дизајнерски проект комплетиран од страна на ова дизајнерско студио и мора да се каже дека направија одлична работа.
Преземено од Avtoplus.mk