H&M прави магија: Старата облека ја рециклира и за пет часа создава нова

261

Шведскиот бренд за облека H&M претстави постројка за рециклирање што ќе биде поставена во продавниците и преку којашто за пет часа старата облека да ја претвори во нова.

Станува збор за машината Loop, којашто е поставена во една од продавниците на брендот во Стокхолм, којашто старата облека ќе ја трансформира во нова. На машината не ѝ се потребни ниту хемикалии или вода, што ја прави еколошки прифатлива. За процесот на рециклирање ќе бидат потребни пет часа, а започнува со чистење на старото парче облека, се рециклира и потоа се создава сосема ново парче.

“Облеката што повеќе не ја сакате веќе не мора да заврши во ѓубре, туку таа ќе биде материјал за ново парче“, вели Паскал Брун, одговорен за одржливост во H&M.

Според него, во овој момент се рециклира помалку од 1% од старата облека, а сега преку иновации и со помош на технологија ќе се трансформира целата модна индустрија, а во исто време и ќе се намали зависноста од други ресурси.

За оваа услуга H&M од своите потрошувачи ќе наплаќа од 10 до 14 евра, а освен материјалот од старата облека, ќе мора да се користат и дополнителни за да се добие посакуваниот производ.

Фото: H&M