Охридска банка од почетокот на годината до крајот на септември евидентираше добивка од 457.548.000 денари, стои во билансот на успех објавен на Македонска берза.
Истиот период лани, добивката на банката беше на ниво од 385.575.000 денари.
“Кумулативниот реализиран финансиски резултат за периодот од 1.1.2020 до 30.9.2020 година изнесува 457,5 милиони денари, бележи зголемување од 72 милиони денари или пораст од 18,7% споредено со истиот период минатата година. Порастот на финансискиот резултат е резултат на значително намалената цена на чинење на ризикот. Остварените оперативни приходи се под влијание на работењето во услови на глобална пандемија и нејзините ефекти врз глобалната побарувачка и понудата на економски и финансиски ресурси, во услови на значителна неизвесност во економската активност на голем дел од деловните и економските субјекти“, стои во Коментарот за остварените резултати.
Нето приходите од камати, заклучно 30-ти септември, изнесуваа 799.631.000 денари, додека истиот период минатата година беа 831.799.000 денари.
“Нето приходите од камати на крајот од третиот квартал од 2020 година изнесуваат 799,6 милиони денари и во однос на истиот период минатата година се намалени за 32,2 милиони денари или за 3,9%, при што приходите од камати бележат поголемо намалување од 55,4 милиони денари споредено со намалувањето на каматните расходи за 23,2 милиони денари. Реализацијата на нето каматните приходи во најголем дел е под влијание на значителниот пазарен притисок, а со тоа и пад на активните каматни стапки за кој пазарните услови не дозволуваат истиот да биде соодветно компензиран на страната на изворите на средства, како и помалиот износ на запишани благајнички записи согласно одлуката на Народна банка за намалување на износот кој деловните банки може да го запишат во благајнички записи и намалената каматна стапка кај благајничките и државните записи“, стои во Коментарот.
Нето приходите од провизии и надоместоци во деветте месеци од оваа година беа 210.963.000 денари.
“Приходите од провизии и надоместоци бележат намалување од 40,2 милиони денари, при што значително е намалувањето на провизиите од платните системи како резултат на намалениот обем на трансакции, провизиите од услугите кај кредитните производи, издадените гаранции, картичното работење исто така бележат намалување“, стои подолу во Коментарот.
Фото: Freepik














