Фармацевтската индустрија во Индија важна за глобалната вакцинација

232

Најголемиот светски производител на вакцини, Индија, ги подготвува своите фармацевтски капацитети за брзо и масовно производство на вакцина против коронавирусот. Аналитичарите очекуваат дека индустријата на Индија ќе има важна улога во глобалната вакцинација.

Индија произведува над 60% од сите вакцини што се продаваат ширум светот, а иако нејзиниот фармацевтски сектор не е вклучен во производство на вакцините на Pfizer и Moderna, сепак ќе има клучна улога во имунизација на светското население, пишува Ројтерс.

Индиските компании би требало да произведат осум ценовно прифатливи вакцини против коронавирусот, вклучувајќи ја онаа на AstraZeneca.

Индискиот институт за серуми и најголем производител на вакцини, веќе произведе и складираше повеќе од 50 милиони дози од вакцината на AstraZeneca и чека одобрение за користење од британски и индиски власти.

Се верува дека на почетокот поголемиот дел произведените вакцини во Индија ќе бидат за домашна употреба. Со скоро 10 милиони заразени, Индија е втора по број инфицирани во светот веднаш зад САД, па индиската влада најверојатно ќе порача поголема количина на вакцина за 1,3 милијарди жители.

Фото: Freepik