Преку своите мобилни екипи, Управата за јавни приходи најави дека ќе врши засилен инспекциски надзор кај приредувачите на игри на среќа, во вечерните часови и за време на викенди.
Целта на контролите е да се провери дали овие субјекти ја исполниле својата обврска за воведување на Надзорен информациски систем (НИС) и 24 часовна поврзаност со УЈП заради следење на уплатите и исплатените добивки.
На приредувачот кој се уште нема воведено во функција НИС, ќе му бидат затворени сите деловни единици (објекти) и ќе му биде изречена глоба од 7.000 евра.
Вчера даночниците ја запленија целокупната опрема и запечатија објекти на “диви“ обложувалници во с. Дебреште, с. Врапчиште и с. Градец, а против сопствениците се поднесени кривични пријави поради утврдено нелиценцирано приредување на игри на среќа. Истовремено, угостителски објект на влезот во Гостивар е затворен за период од 30 дена, поради непоседување на фискален апарат. Во ваквите случаи, законот предвидува глоба од вкупно 3.250 евра, која доколку не се плати во рок од 8 дена, казната достигнува 6.500 евра. Ако пак, сопственикот не набави фискален апарат во рок од 30 дена, затворањето на објектот се продолжува за дополнителни 60 дена.