Салонот во Детроит откажан и добива сосема нов формат

59

Северноамериканскиот меѓународен Салон за автомобили кој традиционално се одржува во Детроит е откажан втора година во низа.

Салонот во Детроит во 2020 година требаше да биде инаугурален летен настан, но беше откажан поради пандемијата на коронавирусот, а TCF Center каде што се одржува манифестацијата беше претворен во болница.

Минатата есен, организаторите најавија дека Салонот ќе се врати во 2021 година и ќе се одржи во септември. И покрај тоа што оригинално беше преместен од јануари во јуни организаторите истакнаа дека „ќе остане есенско шоу кое ќе продолжи и понатаму“.

Денес пристигнуваат официјални информации за уште повеќе промени кога станува збор за Северноамериканскиот меѓународен Салон за автомобили во 2021 година. Имено, Салонот во Детроит сега и дефинитивно е „мртов“ во она издание кое го познаваме и е „прероден“ како „автоцентричен настан наречеч Motor Bella“. Исто така, настанот ќе биде преместен од Детроит во M1 Concourse во Понтијак, кој е лоциран околу 48 километри северозападно од „Мотор Сити“.

Очекувано, главната вина за сето ова ја има пандемијата на коронавирусот и оваа промена навистина има смисла. Наместо да се собираат десетици илјади луѓе во TCF Center, Motor Bella ќе се одржува на отворено во M1 Concourse кој има површина од 148.645 квадратни метри простор за прикажување на нови автомобили и технологии, како и 2,4 километри долга патека за демонстрации. Настанот ќе се одржи меѓу 21 и 26 септември и им ветува на посетителите уникатно искуство со „активности на патеките исполнети со адреналин“. Сепак, ќе станува збор за релативно краток настан со оглед на тоа дека настанот за јавноста ќе трае од 23 до 26 септември.

Во соопштението, извршниот директор Род Албертс истакна дека „пандемијата предизвика промени во нашето општество и светот кои претходно не можеле да бидат замислени и сите ние треба да бараме нови и високо креативни начини за бизнис. Овој нов настан го доловува тој креативен дух и ќе понуди нови мобилни искуства и високо иновативен пристап за прикажување на индустријата и нејзините производи“.

Преземено од Avtoplus.mk